Добитникот на Златната топка за 2024 година, Шпанецот Родри, ги коментираше гласините за интересот на Реал Мадрид за него.
Се зборува дека Кралскиот клуб има интерес за играчот од средниот ред на Манчестер сити и ќе направат обид да го привлечат. Родри има договор со Сити до 2027 година, а во моментов е во аут поради повреда и нема да игра до крајот на сезонава, евентуално би се вратил во јули за Светското клупско првенство.
„Кога Реал Мадрид, кој е најдобар клуб во историјата и најтрофеен, те повикува, тоа те прави горд и секогаш мораш да ги слушаш“, изјави некогашнниот фудбалер на Атлетико Мадрид за „Ел Ларгуеро“.
Родри кажа дека никој од Реал не му честитал за наградата и дека тоа за него е очекувано бидејќи тие не се појавија ни на церемонијата во Париз.
Инаку, Родри спомна и дека би сакал да се пензионира како играч на Вилјареал, а не би имал ништо против и до крајот на кариерата да игра во Англија.