Роналдо нуди по 150 илјади евра за секој играч за победа против Атлетико Мадрид

Роналдо Луис Назарио Де Лима им понудил на фудбалерите на Валјадолид по 150 илјади евра за победа против лидерот Атлетико Мадрид во последното коло во Ла Лига што ќе се игра утре.

Роналдо е сопственик на Валјадолид, екипа што се бори за опстанок и може да го избори само со триумф против најголемиот кандидат за титулата.

Интересно е што Бразилецот играше за Реал Мадрид од 2002 до 2007 година, Кралскиот клуб е единствен конкурент на Атлетико за титулата во последното коло, но овојпат мотивите на Роналдо се чисто во клупски интерес на Валјадолид.

На „Зорилја“ утре од 18 часот ќе се бие голема битка. Ниту на Валјадолид, ниту на Атлетико Мадрид им одговара реми, бидејќи тоа би бил губитнички исход и за двете екипи.

Атлетико има 83 бода и со победа ќе биде шампион. Реал Мадрид има 81 бод и меч на домашен терен со Вилјареал, а може да биде првак само со триумф и Атлетико да не го победи Валјадолид.

Реал има подобар меѓусебен скор со Атлетико и во случај двете екипи да имаат ист број на бодови Кралскиот клуб ќе го крене шампионскиот пехар.

Валјадолид моментно е претпоследен со 31 бод, два помалку од Елче и Уеска, а треба да ги скокне и двете екипи за да си обезбеди опстанок во Ла Лига.

Последнопласираниот Еибар веќе испадна од Првата шпанска лига.

 

- Оглас -

Најнови вести