Роналдо откажа да игра за Португалија

На Кристијано Роналдо очигледно не му е многу до фудбал. Португалската ѕвезда неодамна беше обвинета дека во 2009 година силувал американска студентка, додека бил на одмор во Лас Вегас. По девет години, случајот повторно е активиран, а полицијата во САД отвори истрага.

Поради ваквите неочекувани настани кои немаат врска со фудбалот, Роналдо мора да докажува дека е невин, инаку може да добие долгогодишна затворска казна. Самиот фудбалер најави дека нема да игра за португалската репрезентација на претстојните мечеви од Лигата на нациите.

Актуелниот европски првак ќе ги пропушти натпреварите против Полска и Италија во рамките од Лигата на нациите, како и пријателскиот дуел против Шкотска. Последниот меч во националата селекција Роналдо го одигра против Уругвај на Мундијалот во Русија. Репрезентативната кариера ја започна во 2003 година, а  досега во 154 настапи даде 85 погодоци. Кристијано најави дека ова е привремено отсуство од националниот тим, но дека во иднина повторно ќе се врати во составот.

На Португалецот сезонава не му оди најдобро ниту во Јувентус. По малку неочекувано е за него во досегашниот дел од сезоната да има само три погодоци во првенството. Во Лигата на шампиони го пропушти дуелот против Јанг бојс поради црвениот картон добиен во средбата со Валенсија.

- Оглас -

Најнови вести