Розенборг е рутина за Динамо, Црвена ѕвезда носи одлични 2:2 од Берн

На Динамо Загреб му беше доволно помалку од половина час за да го разбие отпорот на Розенборг и да победи со 2:0, што е одличен влог за реваншот во Трондхајм во битката за место во Лигата на шампионите.

Петковиќ од пенал во седмата минута и Оршиќ во 28-мата минута погодија за убедлива предноста на хрватскиот првак по првиот меч. Аријан Адеми го одигра целиот меч за домаќините и е блиску повторно како капитен да го предводи својот тим во фаза по групи во еврокуповите.

Одличен резултат има и Црвена ѕвезда по ремито 2:2 во Берн на гости кај Јанг бојс. Поведе швајцарскиот првак со голот на Асале во седмата минута, а потоа се случи комплетен пресврт.

Со голот на Дегенек во 18-тата минута белграѓани израмнија, а најскапото летно засилување на Црвена ѕвезда, Матео Гарсија, со деби погодок во 46-тата минута донесе многу радост во таборот на „црвено-белите“.

Од пенал во 76-тата минута израмни Оро, но сега предност има Црвена ѕвезда пред реваншот на „Рајко Митиќ“ во Белград за седум дена.

Олимпијакос беше најубедлив вечерва и со 4:0 го декласира Краснодар. Гереро и Поденсе беа прецизни по еднаш, а Ранѓеловиќ со два гола се погрижи за мирен пат кон Русија за реваншот.

Победниците од овие двомечи ќе играат во Лигата на шампионите, а поразените ќе учествуваат во фазата по групи во Лигата на Европа.

- Оглас -

Најнови вести