Руди Гарсија: Лион мораше прв да даде гол

Лион беше убедливо поразен од Баерн Минхен со 0-3 и нема да игра во финалето на Лигата на шампионите, но тренерот Руди Гарсија смета дека и среќата не била на нивна страна. Во првите 15 минути, Депај и Екамби имаа убави шанси, Депај го мина Нојер и откосо не го погоди празниот гол, а шутот на Екамби го запре стативата. Ако Лион поведеше 1-0, којзнае како ќе завршеше средбата.

„Требаше први да дадеме гол, но Баерн поведе благодарение на индивидуален потег на Гнабри. Чувството на неправда беше присутно во мојот тим, но ние и во второто полувреме при 0-2 се обидувавме да не се откажеме. Екамби имаше шанса, Нојер одбрани. Игравме подобро во вториот дел, не му дозволивме на Баерн да се релаксира, затоа мислам дека тие се многу среќни што победија, иако беа големи фаворити“, изјави Гарсија, чиј тим приреди сензации против Јувентус и Манчестер сити, но се сопна на третата голема пречка.

„Можеме да бидеме горди, но има и разочарување. Среќата ни го сврте грбот кога не реализиравме барем една од двете големи шанси. Ако не даваш голови, не може да победиш“, заклучува тренерот кој среде сезона го презеде Лион и сега треба да се фокусираат кон стартот на француската лига на 28 август.

- Оглас -

Најнови вести