Русија не фати ритам со аргентинското танго (Видео)

Факундо Кампацо диктираше темпо што им одговара на Аргентинците, а еден од фаворитите на Мундијалот во Кина успеа да ја победи Русија во дербито на групата Б со 69:61.

Бекот на Аргентинците постигна 21 поен, најмногу на мечот, а имаше и 7 асистенции и шест скока, како најдобар поединец на дербито. Ветеранот Луис Скола и Маркос Делија исто така беа одлични со по 13 поени. Аргентинците си поиграа со нервите на своите навивачи, а за малку ќе прокоцкаа 13 поени разлика, со кои ја почнаа последната четвртина.

Русија се разигра во последниот период, ја топеше разликата до минус два, но не успеа да направи комплетен пресврт за победа. Андреј Зубков со 18 поени беше најефикасен во таборот на поразените, кои ќе играат локално дерби со Полска во осминафиналето на турнирот.

Аргентина ќе бие битка за четврт-финале со Венецуела.

- Оглас -

Најнови вести