Руски рулет во Ростов – Пет гола, два утнати пенали и две исклучувања ѝ пресудија на ЦСКА

Федор Чалов утна пенал во 86-тата минута и пропушти шанса да ѝ донесе еден бод на ЦСКА Москва во ситуација кога неговиот тим имаше двајца играчи помалку и негатива од 3:2, резултат со кој заврши дербито на 21-то коло во корист на домаќинот Ростов.

На дербито имаше од сè по нешто што го прави фудбалот привлечен за милијарди луѓе на планетата. ЦСКА почна лошо со исклучување на Ахметов во 20-тата минута, но возврати Еременко со утнат пенал за Ростов 120 секунди подоцна. Тоа беше само загревање за трилерот на „Ростов арената“ и за над 40 илјади гледачи што го следеа мечот.

Сигурдсон и во ситуација кога гостите имаа 10–мина играчи ѝ донесе предност на ЦСКА во 25-тата минута, но само за 300 секунди Еременко со гол ги коригираше киксот и утнатиот пенал.

Во 51-вата минута имаше нов пенал за Ростов и ново исклучување за ЦСКА. Попов погоди за 2:1, а надвор од игра мораше да замине исклучениот играч на московјани, Карпов.

Кога Мамаев погоди во 63-тата минута за 3:1, за Ростов се чинеше дека сè е готово, но Армејците не се предадоа. Осипенко си постигна авотогол за намалување на 3:2, но Чалов беше трагичар и не успеа од пенал да израмни на 3:3 и да ѝ донесе еден бод на ЦСКА.

Армејците паднаа на петтата позиција со 35 бода, а Ростов се смести на третото место со 38 бода и ако остане тука, ќе игра квалификации за настап во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести