Сакаат да се пласираат во Примера без да играат плејоф, бидејќи останаа без најдобриот стрелец

Во Шпанија уште не е познат последниот патник во Примера дивисион за следната сезона, затоа се чека одигрување на плејофот во втората лига. Екипите од третото до шестото место ќе разигруваат, а најдобрата ќе се радува на место во елитната фудбалска лига во земјата.

Сарагоса која заврши на третото место на табелата, реагираше затоа што се одложи играњето на плејофот и официјално побара директно да се пласира во Примера. Во Сарагоса се разочарани затоа што за најважните мечеви ќе бидат без нивниот најдобар играч. Напаѓачот Луис Суарес кој даде 19 голови во Сегунда, имаше договор кој му истекува денеска.

Голгетерот играше во Сарагоса како позајмен играч од Ватфорд, а англискиот клуб не сакаше да му го отстапи играчот на Сарагоса за уште најмалку една недела. Без Суарес во тимот, Сарагоса дефинитивно ќе биде ослабена, па затоа од клубот упатија барање до челниците на фудбалската федерација да добијат директно место во елитата затоа што тие биле третопласирани на табелата, а сега се оштетени.

плејофот во Сегунда дивисион е одложен затоа што останува да се одигра уште еден меч од последното коло, тој меѓу Депортиво Ла Коруња и Фуенлабрада. Доколку гостите победат на овој меч, Фуенлабрада ќе го прескокне шестопласираниот Елче и ќе се најде во плејофот. Дуелот против Ла Коруња требаше да се игра пред 10-тина дена но беше одложен поради тоа што поголем дел од фудбалерите на Фуенлабрада беа заразени со Коронавирусот, а еден заврши и во болница.

Ова е второ необично барање до шпанската лига за само два дена. Вчера и Еспањол имаше свое барање, а тоа е да не испадне од Примера затоа што сезоната била „чудна и ги немала сите услови на нормално играње“.

- Оглас -

Најнови вести