Салвадор беше на прагот на Манчестер јунајтед, сега разнесува леб за да преживее (Видео)

Салвадор Кабањас беше еден од најдобрите напаѓачи во Јужна Америка во првата деценија од овој милениум. Како што вели, имал и потпишан преддоговор со Манчестер јунајтед, но на крајот е среќен што е жив, а преживува со разнесување на леб.

Во 2010 година, кога беше во топ-форма и настапуваше за најпопуларниот мексикански клуб Америка, Кабањас, беше застрелан во глава во еден ноќен клуб. Влета во конфликт со еден од најпознатите наркодилери во Мексико, Хозе Гарза и настрада, а куршумот сè уште му е во главата.

„Потпишав преддоговор вреден 1,5 милиони евра за да играм во Европа. Менаџерот ме информира дека ќе играм за Манчестер јунајтед“, вели Кабањас.

Играше за Парагвај на Светското првенство во 2006 година, следната година и на Копа Америка, а потоа во 2007 и 2008 година беше најдобар стрелец во Копа Либертадорес, што е пандан на европската Лига на шампиони.

„Америка двојно ми ја зголеми платата и ми понуди два стана, во Акапулко и во Канкун за да ме задржи. Сега преживувам со разнесување леб. И среќен сум што сум жив. Луѓето сè уште ме препознаваат и ме поздравуваат“, додава сега веќе 39-годишниот ексфудбалер.

По инцидентот, се врати на фудбалските терени и тоа само 16 месеци подоцна откако беше погоден во главата, а лекарите велеа дека е вистински феномен и дека преживеал на чудесен начин.

Најдобриот фудбалер на Јужна Америка за 2007 година има 44 настапи за Парагвај и 10 гола, а за петте клубови за коишто играше во кариерата има постигнато 174 погодоци.

По ранувањето, се разведе со сопругата, ја загуби и куќата вредна 9 милиони евра, па сега работата во пекара го држи во живот.

- Оглас -

Најнови вести