Само еднаш биле на Светско првенство, и тоа пред 36 години, а вечерва може да испишат чудо

Фудбалската репрезентација на Канада е најпријатното изненадување во квалификациите за Северна и Средна Америка. Канада, која само еднаш била дел од Мундијалите, и тоа пред 36 години во Мексико, сега е на чекор од пласман на планетарниот собир во Катар.

По 10 одиграни кола, Канада е лидер во квалификациите со 22 бодови (шест победи, четири нерешени, без пораз) и има четири бода пред вториот и третиот на табелата, а тоа се фаворизираните селекции на САД и Мексико. Панама со 17 бодови е на четвртата позиција, која обезбедува место во баражот.

Пред три дена Канада со 2:0 го победи САД, што беше прва нивна победа над големиот ривал по пауза од четири децении во квалификации за СП. Канада вечерва ќе гостува кај Салвадор, а со евентуален триумф и позитивни резултати од останатите ноќни мечеви, тие може и официјално да си обезбедат место во Катар.

Канада пред четири месеци лесно со 3:0 го победи Салвадор, па сега и на гости треба да покаже дека е подобра селекција. Во останатите мечеви кои се играат ноќеска, ќе играат: Јамајка – Костарика, САД – Хондурас и Мексико – Панама.

- Оглас -

Најнови вести