Само Шалке е полош од Реал Мадрид од екипите во ЛШ

Реал Мадрид поминува тешки денови. Само за неколку дена тимот мора да се помири дека најверојатно ќе остане без титула во Шпанија. Главен виновник за тоа е Барселоа, вечниот ривал на Реал. Кралскиот клуб најпрво загуби во Ел Калсико со 3-0 на свој терен и беше елиминиран од Купот, а четири дена подоцна загуби и со 1-0 на „Сантијаго Бернабеу“ во меч од Примера дивисион. Во првенството, Реал има дури 12 бода помалку од лидерот Барселона.

Според моменталната ситуација, на Реал му останува единствено Лигата на шампионите како шанса за трофеј. Елитната лига на УЕФА веќе три години е како резервирана за мадридскиот гигант. Реал сезонава ќе се обиде по рекорден четврти пат во низа да стигне до тронот во Европа, а првата пречка треба да ја елиминира утревечер, а тоа е Ајакс. Против холандскиот тим во Мадрид го игра возвратниот меч од осминафиналето и треба да ја задржи предноста од 2-1 по првиот меч.

Иако Реал е на прагот од четврт-финалето, статистиката покажува дека тоа е вториот најслаб тим сезонава од сите кои се дел од нокаут-фазата во ЛШ. Реал сезонава веќе има 13 порази од 44 меча, односно загуби на 29,55 отсто од средбите. Колку за споредба, Кралскиот клуб во претходните две сезони под водство на Зинедин Зидан вкупно имаше 14 порази.

Од екипите во нокаут-фазата во ЛШ, повеќе порази од Реал има само Шалке. Германскиот тим од Гелзенкирхен загуби на 15 од 34 средби. Шалке е лидер и по бројот на мечеви на кои не дал гол, а тоа е 11. И тука Реал е на второто место бидејќи Реал на 10 средби сезонава не постигна гол.

Освен Реал Мадрид, сезонава по 10 порази имаат и Рома и Тотенхем, а Манчестер јунајтед загуби 8 пати во сите натпреварувања. Лион има 6 порази, Манчестер сити загубил 5 пати, а по четири неуспеси сезонава имале Борусија Дортмунд, Јувентус, Баерн Минхен, Ливерпул, Атлетико Мадрид, Ајакс, Барселона и Порто. Најдобар во овој поредок е Пари Сен Жермен, кој сезонава има само два порази.

 

- Оглас -

Најнови вести