Санчес и официјално e нов играч на Интер

Алексис Санчес официјално е нов член на Интер, потвди гигантот од Милано на својата официјална веб-страница. Чилеанецот оваа сезона ќе биде позајмен од редовите на Манчестер јунајтед, со опција Интер во наредниот летен преоден рок да доплати 15 милиони евра за целосно да го откупи договорот на Санчес.

Интер се согласи да исплати пет милиони евра од годишната плата на Санчес, додека останатите 12 милиони евра се обврска на Црвените ѓаволи. Иако на „Олд Трафорд“ преживеа кошмарен период, Санчес ќе има помош од Антонио Конте во обидот да си ја оживее кариерата.

Во Серија А се враќа по осум години пауза. Пред да го направи трансферот во Барселона, Санчес ги бранеше боите на Удинезе од 2007 до 2011 година, а во тој период запиша 95 настапи за Зебрите во кои постигна 20 гола и 16 асистенции.

Санчес заедно со Ромелу Лукаку како отпадници од Манчестер јунајтед ќе бидат лидери на Интер оваа сезона во обидот да се стави крај на доминацијата на Јувентус во Калчо лигата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести