Сари објасни дека Роналдо не бил на вистинското ниво, Португалецот си замина од стадионот пред да заврши мечот

Кристијано Роналдо одигра еден од послабите мечеви во последните неколку сезони, но и тогаш Португалецот е во центарот на вниманието. Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, реши да го извади Роналдо од игра уште во 55-тата минута и на негово место го внесе Пауло Дибала. Токму Дибала беше стрелец на единствениот гол во победата против Милан.

Додека излегуваше од теренот, Роналдо воопшто не го ни погледна Сари, а не пак да се поздрави. Ѕвездата на Јувентус наместо на клупата за резервни играчи, замина директно кон соблекувалната. Според пишувањата од Италија, Роналдо бил забележан како си оди од стадионот додека уште траеше мечот. Не се знае дали тоа го направил самоволно или добил дозвола од клубот да си оди додека уште требаше да биде со тимот.

По мечот, Сари повторно објасни дека Роналдо бил повлечен од игра поради неговата послаба физичка подготвеност бидејќи имал повреда на коленото.

„Мораме да му се заблагодариме на Роналдо бидејќи вечерва се жртвуваше во тешка ситуација. Направи сѐ што може за да игра, но кога видов дека не е добро, морав да го повлечам од игра. Природно е играчите да бидат незадоволни кога предвреме ги вадат од игра, а посебно ако работеле напорно за да бидат дел од тимот. Во текот на претходниот месец, Роналдо имаше проблеми со коленото кога доби удар во лигаментите за време на еден тренинг. На овој меч не беше на своето ниво и тоа е тоа“, објасни Сари.

- Оглас -

Најнови вести