Сари: Ватфорд го научивме на памет за да не ги повториме грешките со Лестер

Од секој пораз се издвојува поука за следните предизвици, па така Маурицио Сари испрати предупредување до своите фудбалери во пресрет на гостувањето кај незгодниот Ватфорд. Челзи во претходното коло беше изненаден од Лестер на свој терен (0-1), а италијанскиот стратег истакна дека комплетно ги анализирал „стршлените“ со цел да не се повтори бламажата од изминатиот викенд.

„Ќе биде тежок меч, тоа на сите ни е јасно како ден. Добро го анализиравме Ватфорд, да не речам го научивме на памет. Знаеме кои се нивните квалитети и слабости, гледавме безброј видеоснимки за да стекнеме информации кои можат да ни користат со цел да не ги повториме грешките кои ги правевме против Лестер. Реакцијата на моите играчи ми е многу поважна од самата победа. Велам вистинска реакција за да го истакнеме нашиот стил на игра, она што не го покажавме против Лестер“, посочи Сари.

Клубот од „Стемфорд бриџ“ по 18 натпревари во Премиер лигата, го зазема четвртото место на табелата со 37 бода, колку што има и петтопласираниот Арсенал, додека Ватфорд стои на седмото место со 27 бода. Дуелот Ватфорд – Челзи е последниот од денешната програма на „Боксинг деј“, со предвиден термин од 20:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести