Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, беше разочаран по поразот од Шпанија (1-2) во финалето на ЕВРО 2024, но ја призна супериорноста на противникот. Тој го пофали настапот на своите фудбалери на првенството и не сакаше да одговори дали ќе остане на селекторската позиција и во иднина.
„Мислам дека Шпанија беше најдобриот тим на турнирот. Не можевме да ја задржиме топката доволно долго, а тоа е неопходно за да имаш успех против Шпанците. Во последните десетина минути тие создадоа неколку шанси и стигнаа до победата. Многу ми е жал за момците, кои беа неверојатни. Горд сум на сѐ што направија фудбалерите. Малку ни недостигаше, повторно“, изјави Саутгејт.
„По голот на Кол Палмер за 1-1, добивме импулс и навистина верувавме дека можеме да победиме. Пред самиот крај на натпреварот стигнавме до шанса да израмниме повторно за 2-2, но не успеавме, тие ја исфрлија топката од гол-линијата“, не ја криеше разочараноста селекторот на Англија.
Не сакаше да коментира за својата иднина на селекторското место.
„До полувремето не им дозволивме речиси никакви шанси на противникот. Не успеавме да го задржиме тоа ниво во текот на целиот натпревар. Мојата иднина? Сега не е моментот да ја коментираме оваа тема. Ќе разговарам со луѓето од Федерацијата, но прво ќе си дадам малку време. Нашиот тим покажа карактер и не се предаде во ниту еден натпревар. Повеќето момци се млади и веројатно ќе играат на уште многу европски и светски првенства“, додаде Саутгејт.