Франческо Ачерби беше човекот што го спаси тимот кога Интер се соочуваше со елиминација од Лигата на шампионите против Барселона. Во 93-тата минута, кога сè изгледаше загубено, 37-годишниот дефанзивец се најде во нападот и со мајсторски погодок донесе израмнување, што го одведе мечот во продолженија, по кои Интер се избори за финале.
Овој гол, прв во неговата кариера во европските натпреварувања, Ачерби го прослави со голема емоција – го соблече дресот и истрча кон клупата во прегратките на соиграчите. Тоа не беше обичен гол. Тоа беше симбол на неговата борба, болка и неверојатно патување низ животот.
Ачерби е роден на 10 февруари 1988 година во близина на Милано. До 22-годишна возраст играше само во аматерски клубови, најмногу за Павија во пониските италијански лиги. Пресвртната точка дојде во 2010, кога премина во Реџина, а потоа и во Серија А, преку Киево до Милан.
Но, токму кога се чинеше дека неговата кариера почнува да цвета, го погоди огромна лична трагедија – смртта на неговиот татко.
„Умре во февруари 2012, веднаш пред мојот трансфер во Милан. По тоа, животот ми стана празен. Фудбалот повеќе не ми значеше ништо. Почнав да пијам – буквално сè што ќе најдев“, призна Ачерби.
Во 2013 година, при преглед пред трансферот во Сасуоло, лекарите открија тумор на тестисите. По операцијата почна повторно да игра, но ракот се врати. Повторно ја водеше најтешката битка – овојпат со хемотерапија. И победи.
„Ракот ми го спаси животот. Без него ќе се пензионирав со 28 години. Можеби ќе останев во Серија Б, но вистинскиот живот ми почна со болеста. Тоа беше мојата втора шанса“, вели Ачерби.
Откако ја победи болеста, Ачерби стана пример за професионалност. Се посвети на здрав начин на живот, го остави алкохолот и почна вистински да го цени фудбалот. Помина четири стабилни сезони во Сасуоло, а во 2018 година за 12 милиони евра премина во Лацио. Со Италија го освои ЕВРО 2021, а во 2022, на 34 години, направи трансфер на кариерата – потпиша за Интер.
Со Интер веќе ги освои Серија А и Купот на Италија. Сега, по историската ноќ против Барселона, се надева дека ќе ја освои и титулата во Лигата на шампионите, што дефинитивно ќе биде круна на една неверојатна животна и спортска приказна.