Се бунеа, но не издржаа – Капитенот Адеми и соиграчите од Динамо прифатија помали плати

Аријан Адеми и неговите соиграчи од Динамо Загреб прифатија да им бидат намалени платите, а македонскиот репрезентативец и капитен на клубот, според хрватските медиуми, деновиве ќе стави потпис на анексот на договорот.

Првично фудбалерите и стручниот штаб се побунија и не сакаа да прифатат да добиваат една третина од платата во услови додека не се игра, потоа да им се доплати уште една третина, не подоцна од шест месеци од рестарот на првенството, а комплетно да се откажат од една третина.

Сепак, по отказот за тренерот Ненад Бјелица, играчите почнаа да потпишуваат дека ги прифаќаат условите што им ги понудија челниците на популарните „модри“.

Адеми е меѓу најплатените фудбалери на Динамо, а капитенот неофицијалоно има годишна плата од 850 илјади евра. Сега ќе остане без еден дел, но за лидерот во ХНЛ и најуспешен хрватски фудбалски клуб во овој милениум најважно е дека конечно, по многу перипетии, ги надмина недоразбирањата на релација играчи – раководство, што се закануваа со егзодус на тимот што има одлични резултати и на домашната, но и на интернационалната сцена.

- Оглас -

Најнови вести