Се чека потврда од УЕФА – Македонија и Косово ќе играат пред празни трибини

УЕФА сè уште не соопшти дали мечевите од Лигата на нациите што преостанаа од првата сезона и тие што следуваат до крајот на годината од вториот циклус ќе се играат со или без публика.

Иако конечна одлука сè уште нема, се шпекулира дека поблиску е решението да се игра пред празни трибини на сите мечеви што ќе се играат до крајот на сезоната, а се под капата на УЕФА.

Одлуката е многу значајна и за Македонија бидејќи нè чека бараж-полуфинален меч со Косово во Лигата на наците на 8 октомври во Скопје. Иако надеж сè уште има, мали се шансите на националната арена „Тодор Проески“ да има луѓе на трибините во полуфиналниот нокаут-меч, кој ќе го трасира патот за една од двете селекции кон ЕП.

Ако победи Македонија, ќе биде гостин во Минск или Тбилиси против победникот од второто полуфинале во Сегментот Д меѓу Грузија и Белорусија.

Победникот во финалето ќе игра на Европското првенство што е пролонгирано за идната година.

Ако одлуката на УЕФА биде да се игра без публика, тоа значи дека и мечевите во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа ќе се играат пред празни трибини, заедно со дуелите од Лигата на нациите.

Од УЕФА се чекаат последните совети и протоколи од здравствените работници, кои треба да запалат зелено светло за навивачите или да ги згаснат сите надежи дека ќе има публика на стадионите до крајот на 2020 година.

 

- Оглас -

Најнови вести