Се измачи и Мечкаровски – Судеше два и пол часовна драма во Рига со хепиенд за Дандалк

Димитар Мечкаровски веројатно го судеше најдолгиот меч во еврокуповите во својата кариера, а издржа над 150 минути драма во Рига.

Еден од најдобрите македонски судии беше арбитер на реванш-мечот од стартното квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу Рига и Дандалк, а решението стигна дури по долгата пенал-серија.

Во регуларниот дел немаше голови, исто како и на првиот меч во Ирска, па се играа продолженија од двапати по 15 минути. И тука не се тресеа мрежите, па пеналите одлучуваа која екипа ќе оди понатаму.

Драмата кулминираше по првите три серии, каде што сите изведувачи на ударите од белата точка беа прецизни, а потоа дојдоа и утките.

И домаќините и гостите утнаа во последните две регуларни серии до пет пенали, па имаше и продолжение на кое со прецизен удар во седмата серија крај стави Шон Оаре, стоперот на Дандалк.

Тој погоди за крај на драмата што одлично ја судеше Мечкаровски.

- Оглас -

Најнови вести