Се јави и Патрис Евра: „Ова е првоаприлска шега?“

Легендата на Манчестер јунајтед и на Јувентус, Патрис Евра, упати остри критики кон Африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ) по контроверзната одлука титулата од Купот на африканските нации службено да ѝ биде доделена на Мароко.

Во емотивно видео на социјалните мрежи, Евра ја нарече ситуацијата срам за африканскиот фудбал. Неговиот гнев произлегува од одлуката трофејот да му биде одземен на Сенегал два месеца по финалето и да му се додели на Мароко поради прекршување на дисциплинскиот правилник.

„Мислев дека ова е првоаприлска шега. Вистинските шампиони се Сенегал и секогаш ќе бидат“, изјави поранешниот француски репрезентативец.

Контроверзиите потекнуваат уште од финалниот натпревар, во кој Сенегал победи со 1:0 по продолженија. Сепак, мечот беше обележан со голем скандал – фудбалерите на Сенегал го напуштија теренот повеќе од 20 минути во знак на протест против одлука на ВАР, со која беше досуден пенал за Мароко.

По убедување на капитенот Садио Мане, тимот се врати на теренот, а Брахим Дијас не успеа да го реализира пеналот.

Од ЦАФ се повикаа на членовите 82 и 84 од правилникот, според кои тим што ќе го напушти теренот без дозвола од судијата го губи натпреварот службено.

Евра ја насочи критиката и кон судијата на натпреварот:

„Сите видовме дека Сенегал победи на теренот. Зошто никој не зборува за судијата? Каде е тој сега?“, реторички праша Евра.

- Оглас -

Најнови вести