Се натегаа, се ценкаа, на крај се договорија – Нојер во Баерн до 2023 година!

Голманот Мануел Нојер денеска потпиша нов тригодишен договор со Баерн Минхен и останува на голот на баварскиот гигант до 30 јуни 2023 година. Со ова завршува сагата околу договорот, откако во изминатиот период двете страни имаа постојано приближување и оддалечување на своите позиции.

Засега финансиските услови се тајна. Стариот договор на Нојер важеше до 2021 година, а во Баерн велат дека се среќни што го задржале за нив најдобриот голман на светот.

Нојер има 34 години, ја носи и капитенската лента во Баерн. Во редовите на најтрофејниот германски клуб дојде во 2011 година, а од тогаш, четири пати беше прогласуван за најдобар голман на светот.

„Додека траеше паузата поради пандемијата, не сакав да носам одлука бидејќи никој не знаеше дали и кога Бундеслигата ќе продолжи. За мене е важно што ќе продолжам да работам со тренерот на голманите Тони Тапаловиќ. Во иднината гледам со голем оптимизам. Дома во Баварија се чувствувам многу пријатно. Баерн е еден од најголемите клубови во Европа“, изјави Нојер по официјализацијата на договорот.

 

- Оглас -

Најнови вести