Данска се пласира во полуфиналето на Светското ракометно првенство откако во најневеројатниот дуел на Мундијалите го елиминира домаќинот Египет со 39:38, и тоа дури по подобро изведување на пенали. Анталогискиот меч траеше 80 минути и немаше победник, па мораа да се шутираа пенали. Во регуларните 60 минути имаше дури 16 израмнувања, па затоа очекувано немаше победник 28:28 и мораа да се играат дополнителни 10 минути. И во овие 10 минути немаше победник (34:34), па мораа да се играат плус 10 минути продолженија. Во вкупно 80 минути на теренот, резултатот остана нерешен 35:35 и мораше да се шутираат прнали.
Домаќините први шутираа и промашија, па Данците погодија за 36:35 и имаа предност до четвртата серија, кога Нилсен промаши и во пресрет на последната серија повторно беше нерешено. Ландин го одбрани петиот пенал на Али Зеин и меч-топката за Данска ја имаше Ласе Сван, кој погоди за пласман на Данска во полуфиналето.
ОД СТАРТОТ СЕ ВИДЕ ДЕКА ОВА ЌЕ БИДЕ ПОСЕБЕН МЕЧ
Египет одлично го отвори мечот и поведе со 3:0. Данска првиот гол го постигна во седмата минута, но тоа не ги деконцентрираше светските прваци. На средина од првото полувреме беше 8:8, а потоа и 11:11. Тогаш Данска заигра поцврсто во одбраната и сигурно во нападот, па со серија од 5:2 стигна до водство од 16:13 на полувреме.
Дека домаќините нема лесно да се предадат, покажаа на стартот од вториот дел кога брзо стигнаа до нерешено 17:17 и тоа беше најава дека до самиот финиш ќе биде драматично. Само во второто полувреме имаше повеќе од 10 израмнувања на резултатот и во последната минута се влезе со резултат 27:27.
Омар Јахија со својот осми гол погоди за 28:27, но Ландин брзо израмни на 28:28 на 35 секунди до крајот. Последниот напад го имаше Египет, но домаќините направија неправилна измена, па добија две минути исклучувања и Данска доби напад за триумф и не го искористи.
ЛУДОСТ НА ХАНСЕН, ПЕНАЛ ВО ПОСЛЕДНАТА СЕКУНДА ЗА ЕГИПЕТ
Во продолжението двапати по 5 минути Данска даде два гола во низа и предноста ја чуваше до последната секунда. Светските прваци водеа со 34:33 и го имаа последниот напад. Микел Хансен, кој даде 10 гола, ја имаше топката и во последната секунда ја фрли високо, но судиите само една секунда претходно покажале дека Данците ја загубиле топката и дека Египет треба да тргне во напад, што беше невозможно ако се знае дека имаше само една секунда до крајот.
Сепак, ракометните правила велат дека ако тимот ја загуби топката, играчот мора да ја остави на земја, а не да ја фрли и да „задржува време“. Судиите гледаа ВАР и одлучија дека треба да има пенал за Египет во последната секунда и црвен картон за Хансен! Египет го реализираше пеналот за 34:34 по 70 минути и се изборија за нови 10 минути продолженија.
И ДАНСКА ДОБИ ИСТ ПЕНАЛ КАКО ЕГИПЕТ И ИЗРАМНИ ВО ПОСЛЕДНАТА СЕКУНДА
Во првите 5 минути Египет даде еден, а Данска ниеден гол, па по 75 минути игра, беше 35:34 за домаќините. Тој резултат остана до последната секунда, кога повторно имаше неверојатна ситуација. Овојпат Данска доби пенал во последната секунда, а Ландин погоди за 35:35 и по 80 минути остана без победник и мораше да се шутираат пенали.
Од 20:30 часот се играат и преостанатите три четвртфинални дуели меѓу: Франција – Унгарија, Шпанија – Норвешка и Шведска – Катар.