Се планира одложување на стартот на новата сезона во Серија А!

Италијанската Серија А е последна која ќе ја комплетира сезонава од сите пет најсилни лиги во Европа. Во Франција сезоната беше прекината, Германците први ја комплетираа, а веќе завршени се првенствата и во Шпанија и Англија. Во Италија викендов ќе се игра последното коло, по кое треба да се дознае конечниот пласман.

Претседателот на Серија А, Паоло дал Пино, откри дека за в понеделник има закажано состанок на кој треба да се одреди конечниот датум за стартот на новата сезона. Според досега планираното, новата сезона во Серија А треба да започне на 12 септември, но можно е тој датум да биде пролонгиран.

Поради заморот кој го имаат играчите во ова пеколно темпо, се очекува стартот на новата сезона да биде одложен за подоцна. Главна причина за одложувањето ќе биде тоа да може фудбалерите да имаат повеќе време за одмор.

„Кога размислуваме за следните неколку месеци, се соочуваме со бројни проблеми. Почнувајќи од здравствениот протокол кој во моментов е во сила. Тешко е да се тестираат сите во клубовите на секои четири дена. Ќе мора да пронајдеме друг метод за да ја олесниме таа работа. Во понеделник ќе имаме состанок на кој ќе разговараме околу календарот за следната сезона. Во овие моменти размислуваме за старт на 12 септември, но ќе се обидеме да го одложиме стартот барем за неколку дена за да може играчите да добијат малку повеќе време за одмор“, вели Дал Пино.

Се очекува да биде донесена одлука првенството да започне во октомври, но конечната одлука ќе се знае во понеделник.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести