Се подготвува триаголник за бомбастичен финиш на преодниот рок

Во Шпанија деновиве се шпекулира за потенцијален триаголник на трансфери во кој главните улоги ги имаат Френки де Јонг, Бернардо Силва и Марко Верати.

Гигантите ПСЖ, Барселона и Манчестер сити се подготуваат за промени во своите редови, а ова би бил редоследот: Де Јонг во ПСЖ, Бернардо во Барса, Верати во Сити.

Познато е дека португалскиот офанзивен играч за врска на Граѓаните е голема желба на Чави и веќе се прават конкретни потези за негово доведување на „Камп ноу“. Каталонците наводно имаат средства за овој трансфер, но прво чекаат Де Јонг да замине од клубот или да прифати значително пониска плата, што за него не е опција бидејќи клубот веќе му должи околу 20 милиони евра во плати.

Доколку овие двајца ги остварат преселбите, Сити ќе тргне по Верати, кој би го загубил местото во Светците со доаѓањето на Де Јонг, а би претставувал замена за Силва. Наводно Италијанецот не е во добри односи со новиот тренер Кристоф Галтие, па не се исклучува негово заминување од Париз до крајот на летниот преоден рок.

Иако ова сценарио звучи тешко остварливо, фудбалскиот пазар никогаш не разочарувал со луди завршетоци, а до 31 август сè може да се случи.

- Оглас -

Најнови вести