Се појави фотографија која треба да докаже дека Синер е невин

Најдобриот тенисер во светот според АТП-листата, Јаник Синер, се најде во центарот на голем скандал откако беше откриено дека двапати бил позитивен на допинг-тестот. Тие тестови биле направени во март оваа година, за време на турнирот во Индијан велс.

Првично Синер се спаси од суспензија откако Меѓународната тениска агенција за интегритет (ИТИА) потенцира дека Синер не сноси вина и одговорност за позитивните наоди од тестирањето и во двата случаи жалбата му била уважена.

Сепак, голем дел од тенисерите реагираат како може Синер да помине неказнето и да не добие суспензија бидејќи позитивен допинг-тест е нешто што најжестоко се казнува во спортот. Единствената казна која досега ја доби Синер е одземање на освоените поени на Индијан велс и ќе треба да ги врати и парите освоени на тој турнир.

Според кажувањата на Синер, контаминацијата со недозволеното средство клостебол се случила по третман кој го добил од својот физиотерапевт. Тенисерот во изјавата во која го понудил објаснувањето рекол дека еден член на неговиот тим ставал спреј на мала рана на неговото тело, а тој спреј содржел клостебол.

Физиотерапевтот Џакомо Надли имал повреда на малиот прст на неговата рака и била третирана со спрејот, а во периодот од 5 до 13 март постојано го третирал Синер и имал физички контакт со него, па супстанцата едноставно била префрлена кај тенисерот. Како доказ дека Надли навистина имал повреда која била третирана со спорниот спреј, од таборот на Синер ја покажуваат и фотографијата направена за време на турнирот во Индијан Велс, каде што на физиотерапевтот малиот прст му е бандажиран.

И покрај оваа фотографија, голем дел од тенисерите и стручњаците се разочарани и револтирани затоа што за Синер нема никаква санкција и суспензија, а најжесток во реакциите беше Ник Кирјос, кој побара двегодишна суспензија за италијанскиот тенисер.

 

- Оглас -

Најнови вести