Сè помалку конкуренција за Ѓоковиќ: И Тим се откажа од Вимблдон

Доминик Тим, петтиот светски рекет, го повлече учеството од Вимблдон откако вчера се здоби со повреда на раката на турнирот во Мајорка.

Австрискиот тенисер во мечот против Манарино по еден необичен удар, почувстува болки во десниот зглоб и мораше да го предаде дуелот. Беше на дополнителни прегледи во Барселона, по што е утврдено дека мора да паузира одредено време, па Тим ќе ги пропушти следните три турнири на трева, вклучувајќи го и неофицијалното светско тениско првенство.

Конкуренцијата на Новак Ѓоковиќ се намалува откако и Рафаел Надал донесе тешка одлука да не игра на Вимблдон, а Шпанецот, исто како Тим, нема да се појави ниту на Олимписките игри во Токио.

Гренслемот во Лондон официјално почнува на 28 јуни, овие денови се одржуваат квалификациите. Инаку, Новак Ѓоковиќ е бранител на титулата која ја освои во 2019 година. Минатата година Вимблдон не се одржа поради пандемијата со корона-вирусот.

- Оглас -

Најнови вести