Се прават пресметки: Јувентус планира нов мегатрансфер!

Јувентус секоја година има сè поголеми амбиции, па така и оваа. Додека се одржува доминацијата во Италија, Лигата на шампионите останува примарна цел на Бјанконерите. За трофејот со „големи уши“ го доведоа Роналдо и Португалецот има втора шанса да придонесе за тоа што е купен, а додека трае сезоната, во таборот на Старата дама почнаа со пресметки и собирање средства за да се најде заменик за веќе стариот Кристијано.

Ни помалку, ни повеќе, Јувентус одлучи да тргне по потписот на Килијан Мбапе, ѕвездата на ПСЖ која веќе прерасна во расен голгетер и нема дилеми дека ќе биде идниот најдобар фудбалер во претстонијте сезони, кога Меси и Роналдо ќе се симнат од врвот. Токму затоа, Јувентус крои финансиски план кој ќе им го презентира на Светците со надеж дека мултимилионската понуда ќе ги примами челниците на ПСЖ да прифатат продажба на Мбапе.

Во најмала рака, Јувентус треба да издвои повеќе од 180 милиони евра бидејќи ПСЖ толку му исплати на Монако кога експлозивниот Мбапе се пресели во Париз. Исто така, претставниците на светскиот првак ќе прифатат годишна плата од над 40 милиони евра, за помалку нема ниту да преговараат. Со тоа што на Мбапе ќе му биде понуден повеќегодишен договор, најмалку пет години, Јувентус севкупно ќе треба да потроши околу 390 милиони евра, а можеби и повеќе.

Сето ова се планира без опција Роналдо да го напушти клубот, иако би направил простор за плата знаејќи дека Португалецот инкасира 31 милион евра по крајот на секоја сезона, а Јувенстус троши голем дел од спонзорските договори за да му ја исплати ветената сума.

Неверојатниот Мбапе би ги оправдал овие енормни суми како што веќе го направи тоа во ПСЖ. Оваа сезона на 9 меча постигна 8 гола, додека лани беше втор најдобар стрелец во Европа зад Лео Меси со 39 погодоци, а ако се земе предвид дека има само 20 години, небото е граница за овој млад Французин.

Инаку не е тајна дека Реал Мадрид со сите аршини догодина ќе нападне по потписот на Мбапе, меѓутоа Старата дама е подготвена за „војна“.

- Оглас -

Најнови вести