Се продава топката со која Марадона ги постигна двата најпознати гола во историјата на Светските првенства, „голот на векот“ и „Божјата рака“

Топката со која легендарниот аргентинскиот фудбалер Диего Марадона ѝ даде два гола на Англија во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година за триумф од 2:1 ќе биде понудена на аукција.

Се проценува дека топката од натпреварот што се играше на 22 јуни 1986 година ќе биде продадена за сума од 2,5 до 3 милиони фунти.

Топката ја продава Али бин Насер, фудбалски судија од Тунис кој го судеше четвртфиналниот натпревар и го призна еден од најконтровезните голови, „Божјата рака“, кога Марадона со рака ја уфрли топката во мрежата на Питер Шилтон.

Бин Насер не го виде моментот кога Марадона играше со рака и поради тоа го призна голот, а легендарниот Аргентинец по натпреварот изјави дека голот го постигнал „малку со глава, малку со божја рака“ и призна дека се плашел судијата да не го поништи голот.

Вториот гол што го даде Марадона на тој натпревар е прогласен за најдобар гол на Светските првенства. Легендарниот „Ел Пибе“ топката ја доби на својата половина и пред да го совлада Питер Шилтон, издрибла шестмина англиски фудбалери.

„Оваа топка е дел од фудбалската историја, вистинско време е да ја споделиме со светот“, изјави Бин Насер.

Топката ќе биде понудена на аукција што ќе се одржи на 16 ноември како дел од специјалниот настан пред Светското првенство во Катар.

Аукцијата ќе биде пренесувана преку интернет, а потенцијалните купувачи ќе можат да ги регистрираат своите понуди онлајн од 28 октомври во аукциската куќа „Греам Бад“.

Со оваа топка се одиграа сите 90 минути од четвртфиналната пресметка.

- Оглас -

Најнови вести