Барселона вечерва гостува на „Џузепе Меаца“ во Милано на Интер, во реванш-мечот од полуфиналето во Лигата на шампионите. Ќе мора да има победник на овој дуел затоа што првата пресметка во Барселона заврши 3:3.
Интересно е дека Барселона на овој ден, не толку одамна, играше еден ваков значаен дуел. Во 2009 година каталонскиот гигант гостуваше кај Челзи, откако првиот меч на „Камп ноу“ заврши без голови.
Челзи рано постигна гол, во деветтата минута преку Есиен и англискиот тим беше на чекор од пласман во финалето. Сепак, Барселона преку Иниеста во 90+ минута даде гол за 1:1 и се пласира во финалето, благодарение на повеќе погодоци постигнати на гостински терен (денеска ова правило не важи).
Играчите на Челзи беа многу лути поради елиминацијата, посебно поради судењето на главниот арбитер Том Хенинг Овребо. Според многумина, норвешкиот судија драстично го оштети Челзи со неколку одлуки.
Посебно се паметат двете играња со рака на фудбалери на Барселона во шеснаесетникот на гостите, кога арбитерот оцени дека немало намера и не покажа на белата точка.
Неколку години подоцна самиот судија призна дека немал најдобар ден со делењето на правдата на „Стемфорд бриџ“.
„Се случува понекогаш судијата да не биде на потребното ниво. Не се само судиите тие кои грешат. Грешат и играчите, грешат и тренерите. Не се гордеам со тоа како судев на тој натпревар. Тоа не беше мој ден“, рече Овребо.
Вечерва, повторно на 6 мај, Барселона повторно игра реванш-меч од полуфинале на ЛШ. Повторно е на гостински терен, и тоа откако првиот натпревар на свој терен го заврши со нерешен резултат.