Се сеќавате ли на најголемиот малер во фудбалската историја? Германец е и загуби 4 титули за два месеци

Михаел Балак е веројатно најголемиот малер во историјата на фудбалската игра, а 2002 година засекогаш ќе ја памети по загубените титули во самата завршница на четири различни натпреварувања.

Црното сценарио за одличниот играч на Баер Леверкузен во тој период почна на 4 мај, кога во фотофиниш Борусија Дортмунд со победа против Вердер од 2:1 во последното 34-то коло ја освои титулата во Бундеслигата.

Баер со головите токму на Балак ја победи Херта со идентичен резултат, но победата беше Пирова, доволно само за 69 бода и вицешампионска титула, зад Борусија со 70.

Седум дена подоцна Шалке 04 беше подобар од Баер Леверкузен, предводен од Балак, и славеше во финалето на Германскиот куп со 4:2.

Мајската фудбалска трагедија за Балак продолжи на 15 мај на „Хемпден парк“ во Глазгов, во финалето на Лигата на шампионите.

Со головите на Раул Гонзалес и на Зинедин Зидан во првото полувреме, Реал Мадрид победи со 2:1 и ја освои титулата, а голот на Лусио исто така во првиот дел беше само почесен во третото загубено финале на Балак во мај 2002 година.

Последната шанса да го разбие малерот и да освои вредна фудбалска круна за Балак пропадна во Јокохама, Јапонија на 30 јуни.

Во финалето на Светското првенство што заедно го организираа Јапонија и Јужна Кореја, Бразилците беа подобри и ја победија Германија со 2:0 и, за жал на Балак, ја заокружија фудбалската година во која играчот роден во Герлиц ги утна сите четири титули во рок од неполни два месеци.

- Оглас -

Најнови вести