Се сеќавате ли? Сегашниот селектор на Англија беше трагичарот во еден од најболните порази на Англија од Германија на „Вембли“ (Видео)

Англија против Германија е еден од најголемите фудбалски класици во историјата. Овие две селекции имаат одиграно многу легендарни натпревари, а Панцерите биле тие кои најчесто се радувале. Англија уште сонува на првото европско злато, а пред точно 25 години, Гордиот Албион на свој терен го претрпе еден од најболните порази на „Вембли“, и тоа од Германија.

Беше 26 јуни 1996 година, а се играше полуфиналето на ЕП. Англија на „Вембли“ против Германија, во дуел на финале пред финале. Алан Ширер погоди за водство на Англија, а Кунц израмни уште во 16-тата минута. Потоа немаше погодоци ни по 120 минути поминати на теренот и мораа да се шутираат пенали.

Во пенал-рулетот, двете репрезентации ги погодија првите пет пенали и потоа се продолжи додека едните не промашат, а другите да погодат. Герет Саутгејт, кој сега е селектор на Англија, ја презеде одговорноста да го шутира шестиот пенал за Англија, но Андреас Кепке успеа да му одбрани. Потоа погоди Андреас Милер и Германија се пласира во финалето, а потоа стана и европски првак.

Саутгејт се покажа како трагичар во еден од најважните мечеви по кој се сруши сонот за европска круна. Сега, Саутгејт е селектор на Англија и на „Вембли“ ќе го предводи тимот во осминафиналето против Германија. Многумина веруваат дека ако Англија успее да ја елиминира Германија, тоа ќе биде знак дека селекцијата е созреана и подготвена за атак на историското злато.

 

- Оглас -

Најнови вести