Сè што треба да знаете пред Ел Класико

Барселона и Реал Мадрид вечерва ќе ја имаат првата од трите битки кои се закажани само за 25 дена. Двата најтрофејни клуба во Шпанија ќе играат на „Камп ноу“, во првиот меч од полуфиналето на Купот на Шпанија. Реванш-дуелот ќе се игра на 27-ми февруари во Мадрид, кога и ќе биде решен патникот за во финалето. Само неколку дена по тој меч, односно на втори март, повторно ќе има Ел Класико, но тогаш во рамките на шпанското првенство.

РЕАЛ МАДРИД ЈА ЧЕКА ЈУБИЛЕЈНАТА 100-ТА ПОБЕДА

Најголемото и најпопуларно дерби во светот го гледаат низ цел свет. Тоа е ривалитет кој трае повеќе од еден век и имаат одиграно вкупно 272 натпревари, во пет различни натпреварувања, плус пријателските средби. Во вкупниот биланс, Барселона е подобра и има 113 победи, Реал Мадрид се радувал на 99 триумфи, а 60 средби завршиле нерешено. Гол-разликата е 477-445 во корист на Барселона.

Кога се работи за мечеви во дуели од Купот на Шпанија, во досегашните 34 натпревари, Барселона победила 15 пати, Реал се радувал на 12 средби, а седум дуели биле без победник.

Иако во вкупниот биланс Реал има помалку победи, Кралскиот клуб е сопственик на двата највисоки триумфи. На 19-ти јуни 1943 година мадриѓани го демолираа ривалот со 11-1, а осум години порано резултатот бил 8-2 за Реал. Најголемата победа Барселона ја има забележано на 24-ти септември 1950 година, кога победи со 7-2. „Најсвежа“ победа на Барселона со пет разлика е триумфот во ноември 2010 година, кога каталонскиот гигант со 5-0 го понижи Реал на Жозе Мурињо.

ДО ПРЕД САМИОТ МЕЧ НЕМА ДА СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ИГРА МЕСИ

Без разлика за каков меч се работи, секогаш се дава максимумот на Ел Класико. Барселона има повеќе проблеми кога се работи за повредените играчи. Дембеле речиси сигурно ќе биде во аут, а за тоа дали ќе може да настапи Лионел Меси, ќе се одлучи непосредно пред мечот. Капитенот Меси се повреди на дуелот против Валенсија, пропушти дел од тренинзите, а сега шансите се 50/50 за тоа дали ќе се најде во стартниот состав.

„Точно е дека имаме проблеми со повредата на Меси и ќе чекаме до последен момент за да одлучиме дали ќе игра“, вели тренерот на Барселона, Ернесто Валверде.

Што се однесува до Реал Мадрид, можеби првпат сезонава Кралскиот клуб да нема никакви проблеми околу составот и сите играчи да му се на располагање на тренерот Сантијаго Солари. Иако се здрави и подготвени за игра, речиси сигурно е дека две ѕвезди нема да бидат меѓу стартерите. Иско е во конфликт со тренерот, па може дури да не биде ниту резерва, додека Герет Бејл може да остане на клупата за резерви по притисокот кој го врши капитенот Серхио Рамос. Предводникот на Реал на теренот инсистира Бејл да не игра, верувајќи дека така има поголема шанса да ја победат Барселона на „Камп ноу“.

БЕЗ ЛЕО МЕСИ, БАРСА ПОСЛЕДЕН ПАТ ПОБЕДИ СО 5-1

Дури и да не игра Меси, Барселона ја има улогата фаворит. Аргентинскиот виртуоз го пропушти последното Ел Класико, а улогата лидер тогаш ја презеде Луис Суарес. Уругваецот даде хет-трик, а Барселона на „Камп ноу“ победи со убедливи 5-1.

Барселона е актуелен освојувач на трофејот во Купот и рекордер со 30 пехари. Реал има 19 трофеи во ова натпреварување, а 39 пати играл во финалето.

РЕАЛ НЕМА ДРУГО ЧАРЕ ОСВЕН ДА СЕ БРАНИ

Тренерот на Реал, Солари, сигурно ќе биде многу претпазлив, посебно што има и реванш-меч, односно „џокерот“ е за Реал на „Сантијаго Бернабеу“. Затоа Солари многу веројатно ќе реши да се брани вечерва. Дилемата за Солари сигурно ќе биде дали од сите фудбалери кои ги има на располагање да оди на поискусните или на оние кои се во подобра форма.

Дилемата е дали ќе играат Бејл или Виннисиус, Љоренте или Каземиро, Крос или Себалјос. Што се однесува до одбраната, Марсело, кој многу често има „излети“ во нападот, најверојатно ќе остане резерва, а место во првиот тим ќе има за Регилон, со што фактичи и се открива статегијата на Солари да се брани, а доколку се укаже шанса, преку брзи контранапади да го загрози голот на домаќините.

Во спортските обложувалници на Sport Life, фаворитската улога ја има Барселона, а и покрај најавата дека Реал ќе се брани, се очекува да има барем три погодоци. Голема е понудата за обложување на најголемото дерби во светот, а вечерва од 21 часот ќе видиме што ќе се случува на „Камп ноу“, а пренос ќе има на Арена Спорт 1.

Најверојатни состави:

Барселона: Тер Штеген, Роберто, Пике, Ленгле, Алба, Бускетс, Артур, Ракитиќ, Меси (или Алена), Суарес, Кутињо.

Реал Мадрид: Навас, Карвахал, Рамос, Варан, Регилон, Каземиро, Крос, Модриќ, Васкес, Бензема, Винисиус.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

1 КОМЕНТАР

Коментарите се затворени.

- Оглас -

Најнови вести