Се смилуваа во Франција – Клубот на Зидан, Жирес, Тигана… сепак нема да биде третолигаш

Францускиот национален олимписки и спортски одбор ја прифати жалбата на Бордо и даде препорака гигантот сепак да биде второлигаш, а не член на Третата лига.

Сега препораката во конечна одлука треба да ја преточи Фудбалскиот сојуз на Франција, а ако Бордо се спаси од преселба во понизок ранг, веќе во сабота ќе ја почне новата сезона во Втората лига, против Валенсиен.

Поради долгови од над 40 милиони евра, Бордо, кој беше испаднат во Втората лига, автоматски беше преселн во уште еден ранг пониско.

Жирондинците, кои се еден од легендарните француски клубови, се жалеа на одлуката и имаат шанси да играат во Втората лига.

Бордо е шесткратен француски првак и клуб во кој играле големи светски легенди. Зинедин Зидан, Алан Жирес, Жан Тигана, Биксенте Лизаразу, Бернар Лакомб, Кристоф Дугари… се само дел од плејадата светски асови што настапувале за клубот.

Бордо ѝ е познат и на македонската јавност по двата незаборавни дуели со Вардар во УЕФА купот во 1995 година, кога во Скопје победија со 2:0, а во реваншот беше 1:1.

Дел од таа генерација на Бордо беа Зидан, кој не настапи во Скопје, потоа Лизаразу, Дугари, Банкарел, Вичге….

 

- Оглас -

Најнови вести