Се знае колкав е бонусот за играчите на Ливерпул за освојување на титулата во Премиер лигата

Ливерпул цели 30 години сонуваше да стане првак на Англија, а сега дојде време сонот да се претвори во јаве. Тимот од „Енфилд роуд“ има неверојатни 22 бода предност пред второпласираниот Манчестер сити, а до крајот има да се одиграат уште 13 кола.

Математички пресметано, на Ливерпул му се потребни само уште шест победи за и официјално да биде прогласен за шампион, без разлика на резултатите на останатите конкуренти. Според „Дејли мејл“ веќе се знаат и премиите што ќе ги добијат играчите за освојување на титулата.

Подготвени се четири милиони фунти како бонус за сите играчи, кои треба да бидат распоредени во зависност од тоа кој играч колку натпревари одиграл. Во просек, секој од главните играчи треба да добие по 150.000 фунти како бонус за титулата, но тука не се пресметани и индивидуалните бонуси кои играчите ги имаат во своите договори во случај на освојување на титулата во домашното првенство.

И менаџерот Јирген Клоп, кој има 15 милиони фунти по сезона во Ливерпул, сигурно ќе добие бонус, но тој засега не е познат.

- Оглас -

Најнови вести