Седлоски е убеден дека Шкупи ќе ја анулира негативата со Шемрок и ќе игра плејоф

Шкупи утре го игра реваншот со Шемрок роверс од третото квалификациско коло во Лигата на Европа, а македонскиот првак е пред тежок предизвик да ја надополни негативата од два гола (3-1 победи Шамрок во првиот меч).

Тренерот Гоце Седлоски верува дека тој резултат може да се анулира доколку неговите фудбалери бидат максимално сконцентрирани и играат во полна пареа до самиот крај на претстојниот натпревар.

„Во европските натпревари мора да се биде 100% сконцентриран, во спротивно ќе се случат грешки со кои ќе бидеш казнет. Така беше со Линколн во реваншот, па и со Динамо, и сега со Шемрок. Сепак, јас имам верба во моите играчи и очекувам во Скопје да покажеме игра каква што игравме во второто полувреме со Шемрок. Тоа беше вистинскиот Шкупи, иако среќата не беше на наша страна во ситуација кога можевме да израмниме. Домашниот терен беше причината што Шемрок оствари добар резултат, но ние не бараме алиби. Играме против квалитетен противник, но знам дека можеме да оствариме резултат кој ни одговара за пласман во следната фаза, а за тоа ќе ни биде потребна поддршка од трибините“, посочи Седлоски.

Реваншот меѓу Шкупи и Шемрок е предивден да се игра утре, во 21 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

 

- Оглас -

Најнови вести