
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.30 часот) пред преполни трибини на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ ќе одигра пријателски натпревар против БиХ, селекција која избори сензационален пласман на Светското првенство елиминирајќи ја Италија. Имаме и во тој поглед нешто заедничко, со оглед дека и ние ги своевремено ги расплакавме Аѕурите во Палермо.
Но, сега Македонија е во нова ера, предводена од селекторот Гоце Седлоски, а тој најави дека ќе има „освежувања“ во тимот, и тоа ќе почне да го спроведува уште од денешниот дуел со БиХ. Повикани се пет дебитанти, и како што истакна на прес-конференцијата, сите ќе добијат одредена минутажа да покажат што умеат.
Сепак, кога е во прашање почетниот состав, тука нема да има премногу експерименти. Го нема капитенот Енис Барди поради повреда, па Елиф Елмас најверојатно ќе го замени на позицијата како главен креатор на играта во средниот ред, заедно со Бобан Николов и со Агон Елези.
Во нападот се очекува да бидат Бојан Миовски и Елмин Растодер во тандем, а на страничните позиции се Езгјан Алиоски и Стефан Деспотовски.
Во одбраната, планирано е стоперско трио, со Ѓоко Зајков, Висар Муслиу и Дарко Велковски, а на голот ќе биде неприкосновениот Столе Димитриевски, кој ќе ја носи и капитенската лента.
Босанците исто така се очекува да настапат во исклучително силен состав, предводени од првата ѕвезда, напаѓачот Един Џеко.


