Сега без финти ослободете го Пинто

Руи Пинто, со кодно име Џон во светот на хакерите, е свиркачот што откри мегаскандали и цела фудбалска мафија што тежи 70 милиони документи, или 3,4 терабајти информации за незаконски трансфери, подмитувања, валкани игри, затајување данок во прочуениот „Фудбал ликс“.

Португалецот е херојот на обичните навивачи кои сакаат чист фудбал, иако веќе една година е во затвор во Португалија, каде што чека судење.

Врз основа на документите што делумно ги објави во германскиот „Дер Шпигел“, УЕФА го казни Манчестер сити со забрана за настап во Лигата на шампионите на две години и со околу 30 милиони евра парична казна.

ПИНТО-МАНИЈА ВО ОФАНЗИВА, МАФИЈАТА СЕ БРАНИ СО АВТОБУС ПРЕД ГОЛОТ

И сега, за чудо, Пинто некако ја има улогата на Доктор Џекил и Мистер Хајд, најмногу благодарение на чудниот закон во Португалија, каде што и свиркачите подлежат на закон и можат да лежат во затвор.

Популарниот Џон, како што му е хакерскиот прекар, е новиот миленик на вљубениците во фудбалската игра и лошото момче за фудбалската мафија. Ако му е за утеха, опасно расте офанзивата на навивачите, кои без исклучок го подржуваат, па имаме Пинто-манија на трибините, што ја става мафијата во подредена улога.

 Dortmund fans hold up a banner in support of Pinto after the Football Leaks scandal

Лошо за него е што во земјата на актуелниот европски првак, Португалија, може да биде осуден на доживотен затвор, казна што апсолутно не ја заслужува.

Првата победа, мала, но слатка е веќе прокнижена, па Манчестер сити е казнет од УЕФА. И сега логично е прашањето како документите од „Фудбал ликс“ што ги објави Пинто се легални за да се изрече казна за англискиот шампион, а се сметаат за нелегални во Португалија, која се подготвува да го суди Руи по неверојатни 147 точки со кои наводно го прекршил законот.

Мафијата е силна, но симпатиите кон Португалецот се уште посилни. Го обединија целиот чесен фудбалски свет, кој сега очекува само слобода за Пинто и дополнителни казни за сите клубови, менаџери, фудбалски работници и фудбалери кои играа(т) валкано на штета на најважната споредна работа на светот.

ВО ФФМ ДОПИШИ СИ НУЛА И ГРАДИ СИ КУЛА

Во целиот хаос со „Фудбал ликс“ протекоа и информации и за мегаскандалот со двојното сметководство во Фудбалската федерација на Македонија.

Олгица Младеновска, шефицата на одделот за сметководство во најбогатата спортска федерација, со години си допишувала нули на фактурите и го оштетила буџетот за еден милион евра само во последните две години.

Свиркачите во овој случај се одвнатре, вработени во Федерацијата, кои подолго време алармирале дека се крадат пари. И еднаш шефицата завршила во притвор со лисици на рацете, но по два дена се вратила на работа.

И продолжила со малверзациите, што не е неочекувано во систем без систем, каде што не се казнуваат ниту вакви очигледни и тешки дела.

Македонија е земја на чудата, а велат дека тука се работи за кражба на десеттици милиони евра. Прашањето е како може без поддршка од главните функционери да се украдат толку пари и никој толку долго време да не го запали алармот за узбуна? Особено што Младеновска и не криела дека живее на висока нога, што било видливо и според недвижниот и подвижниот имот и стилот на однесување и облекување.

Ќе има ли Македонија сила и фудбалски вљубеници што ќе го следат примерот на Пинто-манија? Во годината во која очекуваме историски настап на Европското првенство да расчистиме со нашата фудбалска мафија, во услови кога грото клубови и фудбалери се валкаат во калта на нашите прескромни стадиони и чекаат плата со месеци.

И наместо да славиме двојни фудбалски круни, да се чудиме на двојно сметководство од кое исчезнуваат десетици милиони евра. Пари со кои можат комплетно да се средат тревниците најмалку на пет прволигашки или второлигашки терени.

Или ќе чекаме УЕФА да дојде да не среди. Со казна како за Манчестер сити. Со која и пребогатите шеици од Катар тешко ќе се справат, а не ние со нашиот прескромен капацитет според сите фудбалски параметри.

 

 

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести