Сега е официјално: Сер Џим Ретклиф е сопственик на 27,7 отсто од акциите на Манчестер јунајтед

Најбогатиот човек во Обединетото Кралство, сер Џим Ретклиф, и официјално стана сопственик на 27,7 отсто на акциите откако беа исполнети и реализирани сите услови што беа поставени од Фудбалската федерација на Англија и од Премиер лигата.

Веднаш откако беше комплетирано купувањето на акциите се огласи Манчестер јунајтед.

„Манчестер јунајтед и ‘Травелерс лимитед’, компанија која е во целосна сопственост на Сер Џим Ретклиф, со задоволство објавуваат дека сер Џим Ретклиф ја заврши работата околу купувањето на 25 отсто од акциите од класа Б и 25 отсто од акциите од класата А по исполнувањето на сите услови и одобренијата дадени од Фудбалската федерација на Англија и од Премиер лигата. Понудата на ‘Травелерс лимитед’ за купување до 25 проценти од акциите од класа А по 33 долари по акција истече една минута пред полноќ на 16 февруари 2024 година. По понудата, ‘Травелерс лимитед’ се согласи да купи 13.237.834 акции според вредноста на тендерот. Компанијата која ја ‘чуваше понудата’ утврди дека таа изнесува 26,2 отсто од акциите. По затворањето на понудата и купувањето акции од класа Б, Сер Џим Ретклиф инвестирал во клубот 200 милиони долари за дополнителни акции од класа А и Б, а со тоа неговата сопственост се проценува на околу 27,7 отсто, со обврска до 31 декември 2024 година да инвестира уште 100 милиони долари“, стои во соопштението на Манчестер јунајтед.

Веднаш се огласи и самиот Ретклиф, кој според договорот со мнозинските сопственици на акциите, американското семејство Глејзер, е задолжен за сите фудбалски операции.

„За мене е голема чест што станав косопственик на Манчестер јунајтед, но во исто време е и голема одговорност. Дури сега започнува нашето патување, кое има цел да го врати Манчестер јунајтед на врвот на англискиот и европскиот фудбал“, изјави сер Џим Ретклиф.

- Оглас -

Најнови вести