Марк-Андре тер Штеген во продолжение од сезоната ќе биде на голот на Жирона откако двата каталонски клуб и официјално се договорија за неговата позајмица. Германецот немаше минутажа во Барселона по доаѓањето на Жоан Гарсија, а Каталонците долго се обидуваа да се ослободат од него.
Сепак, Тер Штеген имаше два услова, кои сега се исполнети. Тој ќе биде прв голман на Жирона, а ќе остане блиску до неговите деца, со оглед дека новиот клуб е на само 100 километри од главниот град на Каталонија.
Германецот сега ќе може да акумулира минутажа, да се наметне за репрезентацијата и да настапи на Светското првенство, но неговиот план е да се врати во Барселона и повторно да биде прв голман, а токму со игрите во Жирона треба да му докаже на Ханси Флик дека не бил во право.
Барселона ќе продолжи да му исплаќа дел од платата, но позајмицата во Жирона ќе значи и ослободување од 1,5 милиони евра за финансискиот ферплеј.

