Сега јасно ли е зошто сака да си замине?

Колку и да е лоша моменталната форма, квалитетот се гледа на дело во важните натпревари. Токму тоа го покажа Реал Мадрид, а сосема спротивното го прикажаа Каталонците во 245-тото дерби Ел Класико, кое заврши во полза на Кралевите со 3-1 за прекин на три и полгодишен пост без победа на „Камп ноу“.

Барселона претрпи трето разочарување во низа во дуелите против актуелниот шпански првак, тешко дека голот на Фати ќе се смета за утеха како прв гол во последните три меча против вечниот ривал. Како дополнување на агонијата е постот на Меси од седум меча без гол против една од омилените противнички екипи. Како да ја снема желбата на Лео да ја полни мрежата на гигантот од Мадрид, против кого во 41 средба претходно се радуваше 26 пати на погодок во 19 победи.

Како што напоменав, двете екипи влегоа во дербито со иста цел за да се поправат формата и впечатокот даден од стартот на сезоната. Фудбалерите на Зидан беа тие кои претходните два порази на домашен терен од Кадис и Шахтар ги направија неважни. Составот на Куман пак не ја преслика играта против многу послабиот Ференцварош, па по пет натпревари во Ла Лига, Барселона под водство на холандскиот стратег има седум од максималните 18 бода, сметајќи го поразот од Хетафе и ремито со Севилја.

ШЕФЕ, ИСПРАВИ ЈА РАБОТАВА ШТО ПОБРЗО, ИНАКУ…

Рано е да се суди, но како што стојат работите, во таборот на Каталонците не се забележуваат позитивни промени, особено не со новиот тренерски кадар под водство на Куман. Првите впечатоци се дека Куман не прави ништо поразлично од неговите претходници Валверде и Сетјен, иако, како што кажав, рано е да се суди, уште е воведниот дел од новата сезона. Но, ми се чини како да не ја сфати доволно сериозно работата, иако како играч знае што значи да се биде дел од најгледаното дерби во светот. Куман против искусниот Реал реши да игра со деца, додека миултимилионските засилувања да ги остави на клупа. Од Фати можеби се очекуваше да блесне со оглед на потенцијалнот кој го покажува, но неискусните Педри и Дест како да беа импресионирани, иако новиот десен бек имаше свои моменти на средбата. Со така подмладен состав, а и индиспонираниот Де Јонг, кој е форсиран во последно време, Куман не ни можеше да очекува позитивен исход. Искуството беше на страната на Кралевите и тие тотално го искористија тоа, додека ѕвездите како Гриезман и Дембеле, па и Пјаниќ, кои заедно тежат повеќе од 300 милиони евра, безпомошно гледаа од трибини. Разбирливо е да ги остави на клупа поради лошата форма, но недозволиво е за Куман да не ги искористи навидум клучните играчи во важни моменти.

И сето тоа се сведува до заклучок дека има еден виновник, што е очигледно и веќе познато, за сѐ што се случува на „Камп ноу“.  Тоа е претседателот Жозеп Бартомеу. Негови засилувања се погоре споменатите фудбалери кои Куман, тренерот назначен од негова страна, не ги користи, што веднаш се претпоставува за лоша инвестиција во двата кадри. А, токму тоа е причината што Меси сака да си замине по толку години вложен труд и успеси остварени во каталонската престолнина. Во таа намера нема да го спречи ниту отстранувањето на Бартомеу од претседателската функција, момент кој се чека со нетрпение и се наближува. Кој и да дојде да го гаси пожарот, се чини дека нема да успее да го премисли Аргентинецот да си побара нова средина додека му е време, а ќе може да си најде веќе во декември, кога ќе му преостанат шест месеци од актуелниот договор со Барселона.

 

- Оглас -

Најнови вести