Ја вративте надежта и радоста во секое наше семејство

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, упати честитка до македонската А репрезентација за пласманот во финалето од Лигата на нациите и до македонската репрезентација до 21 година за извонредниот настап во квалификациите за Европското првенство.

„Би сакал да ви ги пренесам моите искрени и длабоки честитки до сите вам, фудбалерите, стручниот штаб и сите оние кои дадоа придонес за големиот резултат и можноста македонската репрезентација да настапи во финалето од Лигата на нациите за пласман на Европското првенство, како и за победата на македонската репрезентација до 21 година од квалификациите за младинското Европско првенство.

Нашата најдобра репрезентација покажа извонреден квалитет и пласманот во финалето од Лигата на нациите е доказ за добрата работа и талентот на оваа генерација.

Со својот напор и пожртвуваност, со заедништвото и вербата во себе, на целата држава ѝ ја донесовте најголемата вредност: Ја вративте надежта и радоста во секое наше семејство.

Вие сте нашата најуспешна генерација и бидете горди на начинот на којшто ја промовирате нашата земја и нашиот фудбал.

Триумфот и пласманот во финалето е доказ дека и мала држава како Македонија може да дојде на чекор до историски резултат и затоа сите заедно треба да продолжиме кон истата цел и да покажеме дека соништата можат да станат стварност со многу труд и посветеност. Напред Македонија!“, порача Сејдини.

- Оглас -

Најнови вести