Сејдини на гости кај претседателот на ФИФА

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, денеска во Цирих ја прими високата делегација на Фудбалската федерација на Македонија, предводена од претседателот Муамед Сејдини.

Покрај првиот човек на македонскиот фудбал, Фудбалската федерација на Македонија ја претставуваа генералниот секретар, Наталиа Божиновска Илиевска и Владимир Гашевски, член на Управниот одбор на ФФМ.

Во текот на состанокот на кој присуствуваше и директорот на ФИФА за асоцијации членки на Светската фудбалска организација се разговараше за низа важни фудбалски прашања, можностите што ги нуди програмата ФИФА Forward за поддршка на асоцијациите, како и вложувањата во инфраструктурата и женскиот фудбал.

„Фудбалската федерација на Македонија ги поддржува напорите што ФИФА ги прави за развојот на фудбалот преку процесите што ги постави претседателот Џани Инфантино. Под негово раководство, ФИФА направи значајни чекори напред и инвестира во развојот на фудбалот ширум светот “, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

„ФФМ успешно ги користи расположливите средства и разговаравме на кои други начини можеме да работиме со ФИФА за да продолжиме со развој на фудбалот во Македонија. Беше пријатно да се слушнат бројни комплименти за нашата работа и репрезентацијата, а наша обврска е да продолжиме да работиме напорно и да инвестираме за да го оправдаме угледот што ФФМ го ужива во фудбалскиот свет со понатамошни резултати“, додаде Сејдини.

- Оглас -

Најнови вести