Сејдини очекува дуелот против Косово да помине во најдобар ред

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини на работен состанок го прими и разговараше со амбасадорот на Косово во нашата држава, Ѓерѓ Дедај. Повод за средбата е бараж натпреварот меѓу Македонија и Косово од полуфиналето во Лига на Нации за пласман на Европското првенство 2020 и начинот на организација на важниот дуел за двете репрезентации закажан на 26 март.

„Ние како Фудбалска федерација на Македонија сме во постојани контакти со федерацијата на Косово и драго ми е што и на ова ниво имаме можност да разговараме за натпреварот кои ни следува во март. Како федерација ги преземаме сите мерки за успешна организација на значајниот натпревар, во постојани контакти сме со нашето Министерство за внатрешни работи и со одделот на УЕФА за интегритет и безбедност. Сите треба да дадат свои придонес за да помине се како што доликува и да се зборува само за фудбалерите и нивната игра на теренот. Во најскоро време ќе ги соопштиме и сите детали околу влезниците и начинот на продажба и распределба, но секако ќе се придржуваме до правилата на УЕФА. Јас се надевам дека и навивачите на двете репрезентации својот придонес ќе го дадат единствено преку фер и коректно однесување и навивање бидејќи само на тој начин репрезентациите ќе имаат корист. Верувам дека по 26. март ќе зборуваме само за нашиот финален натпревар за пласман на ЕВРО 2020, изјави Сејдини за сајтот на ФФМ.

Амбасадорот Дедај истакна дека од двете страни треба да се покаже голема спортска култура и почит, а подобриот тим на крајот да се најде и на ЕП 2020.

„Наша заложба е заеднички да го организираме овој натпревар, секој од нас да даде придонес за еден фудбалски спектакл. Се надевам дека сме подготвени и нема да дозволиме поединци или групи да ја искористат оваа можност за било какви проблеми. Треба да покажеме голема спортска култура, меѓусебна почит и да докажеме дека можеме да бидеме вистински протагонисти на еден фудбалски спектакл на кој на победникот ќе му се честита и посака пласман на ЕВРО 2020“ – истакна Ѓерѓ Дедај.

- Оглас -

Најнови вести