Голманот Дејв Мусард, кој трипати ја вадеше топката од својата мрежа за време на мечот помеѓу Сејшелите и Нигерија, со својата големина го предизвика вниманието на сеирџиите по социјалните мрежи. Веќе е прогласен за неофицијално најдебел голман на светот, иако нема податок колку килограми има. За висината се знае, висок е 187 сантиметри, што и не е премногу за голман, но делува импозантно.
Инаку, Мусард во својата земја која е позната како туристичка дестинација, работи како слаткар во еден хотел, а за да се појави на тренинг, патува по 15 минути со брод до островот каде има фудбалски терен.
Нигеријците лесно ги победија фудбалерите од островите во Индискиот океан во квалификациите за Африканскиот куп на нации, но симпатиите ги собра поразениот тим, и тоа благодарение на 31-годишниот чувар на мрежата.
На 13 септември, Сејшелите играат со Јужна Африка, па сигурно повторно слаткарот кој во слободно време е и голман, ќе биде во центарот на вниманието.