Селектор каков што немало на СП – Ван Гал во 12 меча има осум победи и четири реми без ниту еден пораз

За Холандија заврши уште едно Светско првенство по кое неостварен сон им е највредниот трофеј во светскиот фудбал, мундијалскиот пехар. Холандија синоќа беше елиминирана во четвртфиналето од Аргентина и тоа дури по изведување на пенали. Во регуларниот дел мечот заврши 2:2.

Оваа елиминација на Холандија посебно му е болна на селекторот Луи ван Гал, кој во својот втор обид како предводник од клупата не успеа да ги одведе Лалињата на планетарниот трон. Ван Гал беше селектор на Холандија и на СП 2014 година во Бразил. Тогаш Холандија стигна до третото место, а Мундијалот го заврши со три победи во групата (над Чиле, Шпанија и Австралија), а потоа во нокаут фазата го победија Мексико со 2:1, па ремизираа со Костарика без голови, но отидоа понатаму на пенали, за да во полуфиналето бидат сопрени од Аргентина, исто така на пенали. Во меч за третото место Холандија со 3:0 го победи Бразил, што значи дека Лалињата во 2014 година завршија со пет победи и две нерешени и елиминација на пенали во полуфинале.

Нешто слично на Холандија и Ван Гал им се случи и сега во Катар. Во групната фаза Лалињата беа први во групата со две победи и едно реми, а во осминафиналето без многу мака го елиминираа и САД. Овојпат патот на Ван Гал и Холандија заврши во четвртфиналето и тоа повторно против препрека им беше Холандија и тоа по изведување на пенали.

Ван Гал со Холандија на Светските првенства завршува со осум победи, четири нерешени и ниту еден пораз, но за жал и без трофеј. Тој најави дека се повлекува од селекторската функција.

„Нема да продолжам. Ова беше мојот последен меч како селектор. Не загубивме ниту еден меч, не знам колку добивме, но можете на Гугл да напишете Луи ван Гал Холандија“ и сами да ја видите гол-разликата“, рече Ван Гал кој во последниот мандат како предводник на Лалињата имаше биланс од 14 победи и шест нерешени средби без пораз со вкупна гол разлика од 51 дадени и само 17 примени гола.

- Оглас -

Најнови вести