Селекторот на Аргентина: „Ќе биде вистинска привилегија за сите ако Меси игра на Мундијалот“

Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, упати низа пофалби кон Лионел Меси, изразувајќи силна надеж дека фудбалската икона ќе настапи на претстојното Светско првенство 2026.

Капитенот на Интер Мајами сè уште официјално не потврдил дали ќе ги предводи Гаучосите во одбраната на титулата, но по убедливата победа од 5:0 над Замбија, Скалони истакна дека за сите би било привилегија Меси да биде дел од составот.

Тренерот додаде дека целиот тим ќе направи сè за легендарната „десетка“ да се чувствува удобно, нагласувајќи дека по триумфот во Катар, Меси е многу посмирен, но желбата да ја сподели емоцијата со соиграчите останува иста.

„Би било привилегија ако Лео реши да игра на Светското првенство. Сите сакаме да ужива во тоа искуство и ќе направиме сè што можеме за да му помогнеме да се чувствува добро. Тој го сака тоа како и ние – сега е посмирен затоа што веќе ја освоил титулата. Желбата да биде таму и да го сподели тоа искуство постои; ќе видиме што ќе одлучи и ќе го поддржиме“, изјави Скалони.

Триесет и осумгодишниот Меси одигра клучна улога на натпреварот на стадионот „Ла Бомбонера“, каде што асистираше за голот на Хулијан Алварес и самиот се запиша во листата на стрелци, достигнувајќи 116 голови за репрезентацијата и вкупно 902 во кариерата.

Скалони дури навести дека доколку продолжи да игра, Меси би можело да стигне и до бројката од 1000 голови. Сепак, и покрај серијата успеси, вклучувајќи ја и титулата на Копа Америка 2024 и доминацијата во квалификациите на КОНМЕБОЛ, селекторот ги предупреди навивачите да ги намалат очекувањата, потенцирајќи дека Светското првенство ќе биде исклучително тешко.

Тој ја нагласи важноста од врвна физичка и психолошка подготвеност и призна дека ќе биде предизвик да се заменат легендите кои оставиле огромен белег во репрезентацијата.

- Оглас -

Најнови вести