Данска беше главен фаворит за златниот медал на Европското првенство во ракомет, но на крајот оваа селекција мораше да се задоволи со освојување на бронзениот медал. Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, вели дека ова е најдолгото и најдосадното првенство на кое учествувал и дека се било во знакот на корона-вирусот, како и во изминативе година и пол.
Само во 12 месеци, Данска се радуваше на злато од Светското првенство во Египет, освои сребро на Олимписките игри во Токио, а сега и бронзен на ЕП, а Јакобсен вели дека овој турнир бил врв на досадата.
„Освоивме три медали само за една година. Секако дека најдраго ми е златото од СП во Египет, а потоа се радував и на среброто од ЛОИ, но и оваа бронза ми е посебно значајна. Во изминативе 12 месеци поминавме четири месеци заедно со репрезентацијата во неверојатно тешки услови. Ова ЕП беше врвот затоа што целосно бевме ограничени. Не смеевме да мрдаме од хотелските соби, полудевме во хотелот. Во првиот хотел во којшто бевме воопшто не бевме изолирани од останатите гости. Моравме да се грижиме и за работи кои вообичаено не се наша работа. Овој месец ми е најдолгиот месец во животот. Кога немавме тренинзи или мечеви, само седевме заклучени во собите. Ништо не ни беше дозволено. Затоа, за доброто на сите репрезентации, ракометари, навивачи се надевам дека ова е последно вакво првенство. Инаку ќе побудалиме. Вака веќе не може! Горд сум на сите кои беа дел од ова ЕП затоа што го одигравме во невозможни услови“, беше реакцијата на Јакобсен.