Семејството на Шумахер ги продава неговите скапи часовници за да продолжи лекувањето

Семејството на големиот Формула 1 шампион, Михаел Шумахер, донело емотивна одлука да ги стави на аукција часовниците од личната колекција на легендата.

Поранешниот Ф1 шампион не е виден во јавноста откако се здоби со сериозна повреда на главата во несреќа на скијање во декември 2013 година и неговата состојба останува строго чувана тајна. Сега, повеќе од 10 години подоцна, неговата сопруга  Корина мора да почне да продава делови од личните работи на Шуми за да продолжи лекувањето кое е многу скапо.

На 13 мај во Женева ќе се продаваат вкупно осум часовници стекнати за време на неговата кариера во Формула 1. Се очекува продажбата да донесе меѓу четири и пет милиони долари, колку што му се потребни на семејството за да продолжи скапото лекување.

Двата најистакнати предмети на аукцијата се подароци од поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, близок семеен пријател, кој ги нарачал часовниците само за Шумахер и тие се уникатни.

Едниот е моделот FP Journe Vagabondage 1. Се очекува да достигне цена помеѓу 1,7 и 3,4 милиони долари. Тој часовник е божиќен подарок од Тод за да ја прослави седмата титула на Шумахер освоена во 2004 година. Часовникот го содржи амблемот на Ферари, дизајнот на кацигата на Шумахер, симболи што ги претставуваат неговите седум титули и изгравирана порака: „Божиќ 2004 година – Жан Тод за мојот пријател Михаел Шумахер“.

Се продава и историски важен, исклучително редок и многу атрактивен часовник Rolex Daytona од 14-каратно злато, кој на Шумахер му го подари неговиот долгогодишен менаџер Вили Вебер. Се проценува дека ќе се продава за околу 800 илјади долари.

- Оглас -

Најнови вести