Сензација во Мелбурн, испадна првата носителка и главна фаворитка за трофејот

Првата тенисерка на ВТА ранг-листата и прва носителка, Ига Швјонтек доживеа сензационална елиминација од Отвореното првенство на Австралија и тоа во третото коло.

Швјонтек е поразен од чешката тенисерка Линда Носкова во три сета и тоа со 3:6,6:3,6:4.

Ова е првпат од Вимблдон 2022 година, Швјонтек да испадне пред четвртото коло на гранслем-турнир, а минатата година во Мелбурн беше елиминирана во осминафиналето.

Првиот сет го одлучи еден брејк кој го направи Швјонтек во шестиот гем по што со сигурен сервис ја задржа предноста за 1-0.

И во вториот сет Швјонтек подобро тргна, прва дојде до две брејк топки, но не ги искористи, а Носкова не пропушти во осмиот гем да го одземе сервисот на полската тенисерка и потоа да израмни на 1-1 во сетови.

Загубата на вториот сет внесе нервоза во играта на Швјонтек и тоа го искористи Носкова да направи брејк во третиот гем за 2:1. Првата носителка возврати со рибрејк, и во наредниот гем на свој сервис успеа да се спаси. Но, не се извади во седмиот гем кога Носкова повторно направи брејк и поведе со 4:3 по што со сигурен сервис ја задржа предноста до крајот за изненадувачка победа и елиминација на главната фаворитка за трофејот.

Носкова во следната рунда ќе игра против победничката од дуелот меѓу Свитолина и Голубиќ кој е во тек.

- Оглас -

Најнови вести