Селекторот на Северна Ирска, Мајкл О’Нил, призна дека неговиот тим сакал да ја избегне Италија во плејофот за Светското првенство, но сепак изрази увереност дека неговите играчи можат да направат големо изненадување.
Северна Ирска патува во Италија за одлучувачкиот натпревар од баражот на 26 март следната година. Победникот од тој натпревар, пет дена подоцна ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Велс – Босна и Херцеговина и тогаш ќе се знае патникот за Мундијалот во САД, Канада и Мексико.
„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар на гости, без разлика против кого ќе играме. Претпоставувам дека би претпочитале еден од другите тимови што беа во првата група, но на крајот за да стигнеме до Светското првенство, мора да победиме два многу добри тима“, рече О’Нил.
Во врска со претстојниот натпревар против „Аѕурите“, тренерот рече:
„Гостувањето на Италија ќе биде голем натпревар, одличен натпревар. Очигледно очекувањата и притисокот се многу поголеми врз Италијанците и мора да се обидеме да го искористиме тоа во наша корист. Мора да веруваме. Мислам дека нашите перформанси оваа кампања, особено на гостувањата, беа силни и се надевам дека тоа ни дава доверба дека можеме да одиме во Италија и да победиме.“

О’Нил нагласи дека клучен фактор за успех ќе биде неговиот тим да биде во врвна форма во март.
„Најважно за мене е во март моите играчи да бидат во врвна форма. Тоа ќе биде голем фактор за нас. И ако бидеме, верувам дека можеме да го добиеме вистинскиот резултат“, потенцираше селекторот на Северна Ирска.

